За едно можно претставување
Кога едно струково здружение од овој вид организира некоја изложба, појдовната позиција на поставување на критериуми за избор на дела како да се чини определена и, со тоа, олеснета. Но, тоа не е така - таа, сепак, зависи и од поставените и проектираните намери на изложбата.
Така е и во овој случај. Изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) има намера да го претстави творештвото на дел од своите членови во Париз и тоа во просториите на своевидната уметничка колонија каква што е, меѓу нас наречена - "Ситето". Поставената намера е делата на членовите да се стават на увид на париската публика и критика за претставување, информирање и критичко восприемање на тековите на уметничката мисла, интерес, обработка и обликување на дел од македонската уметничка сцена во делот здружен во рамките на ДЛУМ. Потребната размена, ако не и нужноста од неа, (иако еднонасочна) ја изразува проектната намера на оваа изложба. Поточно токму размената во Париз, светското средиште на уметноста, за повеќето членови ја има важноста и како светско средиште на современата, тековна уметност и изложувањето во него се поставува, а и наложува, како своевиден императив. Оттука, кој и каков избор од дела да се направи и како тој избор да ја изрази актуелноста на творечкиот миг се насочува кон широкиот спектар на изразности, интереси и побуди. Таквата разновидност, од една страна, укажува на широкиот опфат на различни уметнички пристапи и постапки, а од друга на оттежнато определување на главните специфики на и во творештвото на членовите. Конечно, пресекот на дела од творештвото на дел од членовите на ДЛУМ (добиен со изборот преку ваквите критериуми) не е едновремено и пресек на севкупното македонско современо и тековно уметничко творештво (или барем не треба да се поистовети како таков).
Затоа, во градењето на сликата за уметничкото и квалитативното рамниште на оваа изложба треба да се пријде од една проширена и амалгамска точка на гледање.
[текстот е пишуван за изложбата "100 македонски ликовни уметници" на ДЛУМ во Париз, мај 2008]
0 comments:
Post a Comment