Еден невообичаен, чуден, „дијалог“... и неразбрав – зошто е направен
Сашо Поповски, слики и цртежи
(Културно-информативен центар – Скопје, јуни 2008)
Овој пат нема да пишувам за делата на изложбата. Ќе пишувам за каталогот од изложбата.
Каталозите за уметничките (ликовните) изложби, покрај другите податоци, потребно е да содржат и соодветен предговор. Овој е во функција остварувањето на уметникот да ја добие својата прва верификација од страна на уметничкиот (ликовниот) критичар и со тоа да му обезбеди легитимитет да биде и изложено, а со тоа да го потврди и како уметност – воопшто. Од друга страна, една друга функција на предговорот е и онаа на восприемачот да му го приближат, ако веќе не можат да му го објаснат, значењето и позициниорањето на тоа што е изложено пред него. Оттука, секогаш текстот се исчитува со нетрпение – текстот, тој немушт медиум, којшто треба да го направи мостот, премостувањето помеѓу двата брега: оној на сликовноста и оној на доживувањето, восприемањето, разбирањето. Оттука, што и како текстот може да го направи, создаде тоа премостување? Да го земеме примерот на каталогот и текстот во него од последната изложба (бидејќи не знаеме, од каталогот, која е по ред) на Сашо Поповски.
Текстот (внимателно не велам – предговорот) е именуван како „Скици за скици“ и е во форма на парови изјави на неколку теми на авторот Поповски и на филозофот Иван Џепароски. Зошто Поповски се определува да не ја вклучи оваа првична верификација од страна на критичарот, иако ја прифаќа институцијата на галеријата, проследено со целата редица институционални постапки: организација на изложбата, печатење на каталогот, испраќањето покани, објавувањето во дневниот печат, закажувањето датум и време за отворање, коктелот, присуството на авторот на отворањето и приемот на честитки и првични мислења, забелешки и коментари и сл., а како дел од системот на уметноста за да ги изложи, поточно – објави (да ги изложи во просторот на јавното и пред јавноста) своите дела? Зошто тој се решава да покани филозоф, а не критичар?
Веднаш ќе одоговорам на вообичаената забелешка на ваквиот коментар: „Та, ова не е прв пат! И друг пат имало каталози (и тоа од многу одамна) во кои не пишувале критичари, туку некои други (писатели, уметници, новинари, интелектуалци, филозофи...)।“ Да, имало, но, ниту еден од нив нема легитимитет да вреднува и верификува! Оттука, зошто Поповски (а оттука и сите други уметници кои го прават тоа) не сака да му се вреднуваат и верификуваат делата, поточно, неговата уметност? Одговорот на ова прашање е повеќеслоен и се наоѓа во текстот во каталогот.
Објавувањето на делот од творештвото или делата од еден период има една и единствена смисла: тоа да биде вреднувано и верификувано। Тоа му е имплицитно на секое и секакво уметничко дело। И тој дел му припаѓа на критичарот, ликовниот (во областа на ликовната уметност), кој пак доаѓа од подрачјето на научната дисциплина историја на уметноста। Затоа, нормално е тоа да е апостериорна фаза, фаза која доаѓа после случувањето, после „праизбликот“ на уметничкото дело – критичарот го врши вреднувањето на нештото што е веќе случено। Формата во која тој се изјавува, пројавува и јавува е – текстовна. И токму заради тоа, во институтционалниот систем на уметноста, подготовката на каталогот подразбира и отпечатување на ова вреднување и верификување – за да се затвори процесот на подготовката на делото/творештвото за негова подоцнежна, можна, историзација (доколку за тоа се исполнети одредни услови). Да, ова е како работите треба да бидат и затоа повторно: зошто текстот (предговорот) не е напишан од критичар, туку од филозоф или/и од самиот уметник? Што има во овој текст, та оттука и прашањето која е неговата функција? Текстот не се однесува на (не се разговара за) делата од изложбата, ниту пак за нивното позиционирање во рамките на тековната уметничка (ликовна) сцена во Македонија или пошироко, туку тој е еден запис (како што ми соопшти Џепароски пред некој ден: исказите на Поповски се дел/избор од поголем број на искази кои уметникот ги пишувал во извесен период и на нив Џепароски додал свои коментари) кој говори за некои размислувања на уметникот за уметникот, уметноста и светот на уметноста. Впечатоци со дообјаснувања. И ништо повеќе од тоа.
Од десетината теми коишто овој „дијалог“ меѓу уметникот и филозофот ги зафаќа, ќе ги наведам оние коишто доминираат или коишто се наметнуваат – темите за односот кон уметноста и нејзиниот систем. Тие се пројавуваат во следните искази на уметникот, соодветно проследени со дообјаснувања и проширувања, во духот на согласување со нив, од страна на филозофот.
- „Изваден од утробата на галериите концептуализмот умира.“
- „Инсталација: кокошка во микробранова, јајца во гајби, раскрилен готвач на ѕидот.“
- „Неталент и амбиција, стар љубовен пар.“
- „По галерии, луѓе со дигнати носеви шират фреон.“
- „Ноќното небо е како стар црнобел филм во кој многу од ѕвездите се веќе покојни.“
- „Слики сираци по галериите.“
како и оние два кои го засегаат прашањето за критичарот:
- „Спремам изложба, моментално ми ги преведуваат боите од сликите на неколку јазици, за во каталог. По малку исплашен од критичари кои не разликуваат теракота од небањат.“
- „Теористички напади на екстремни групи критичари.“
за конечно да приврши со еден уште посимптоматичен: „Дали си најдобар цртач? Слично на она со господ: не си го видел но веруваш дека постои.“
Очигледно е дека двоецот уметник/филозоф посветува голем дел од текстот на теми и прашања со коишто самите слики ниту се занимаваат, ниту ги поседуваат, ниту, пак, имаат намера да ги разработуваат. Се прашувам, зошто се тогаш овие теми ставени во каталогот?, зошто уметникот се занимава со нив?, што го тера да ги мисли, анализира, објавува?, што го тера да ги споделува со филозофот? Првата помисла ми е: во одбрана на сликарството! Потоа си велам: во одбрана на неговото сликарство! А зошто тој тоа мора, чувствува потреба да го објави како текст? Заради тоа што неговите слики се немоќни тоа да го сторат?
За миг ќе се вратам на анализата на исказите. Така можеби и ќе дојдам до сликите.
Првите погоре наведени искази недвосмислено говорат за една очигледна нетрпеливост, а оттука и несогласување со тековните (и не само тие) движења во уметничката практика. Превладуваат стереотипи кои ги слушам веке 27 години од еден „тип“ на уметници кои од палетата со три бои и две небои и белината на платното ја создаваат нивната уметност натопена со романтизам од гетеовски тип и за кои не постои ништо друго од уметност доколку таа не се занимава со најдлабочината на космосот, најбезвременоста на светот и најбесмислата на животот (главно на другите) со коишто се занимава нивната уметност. Поточно, во воведниот исказ стои следното:
„Како да се наслика автопортрет? Ако си го загубил ликот?
Како да се наслика празнината? Апстрактно? Ако е толку реална?
Како да се наслика акт? Ако голотијата е коска?
Дали осамата е пејзаж, а четката сламка во вирови од болка?“
Да, чисто уметнички прашања. Прашања кои уметноста веќе одамна не си ги поставува, бидејќи не ја ни интересираат! Нека е и така, нека овие прашања и понатаму, или сè уште, ги интересираат некои уметници. Но, од каде потребата, конечно и правото да се осудуваат инетересите на другите уметници, укажувајќи им или упатувајќи ги на тоа што е „вистинската“ уметност (како да се сака да се каже) – поточно, на уметноста која е објавена како репродукција во каталогот? Еве неколку примери произлезени од анализата на текстот во каталогот:
- „Изваден од утробата на галериите концептуализмот умира.“ Концептуалната уметност е ништо ако се извади од „утробата“ на галеријата – кажува ли тоа дека не се познава суштината на самиот поим на концептуалната уметност? Да – не постои концептуална (ниту која било) уметност вон од системот на уметноста, вон од галеријата! Тоа го знае и секој студент по историја на уметноста. Но, чинам дека тука намерата е друга: каква е тоа уметност која извадена од галеријата може да се нарече себеси уметност – никаква! Филозофот тоа го одобрува – „самиот [концептуализам] ќе се слее со тишината“!?
- „Инсталација: кокошка во микробранова, јајца во гајби, раскрилен готвач на ѕидот.“ Иронијата и сарказмот во исказот за инсталацијата – потсмевот и подбивот упатен кон уметникот-инсталатер, најверојатно на оној кој не знае да слика, кој не е кадарен да навлезе во најтешките прашања на уметноста: автопортретот, празнината, актот, пејзажот! А кој тоа вели дека тоа го нема во инсталациите? Филозофот, во созвучје со уметникот, тоа уште потемелно го потврдува со примерите на, во странство доучените, електро и водоинсталатери, инсталирани, по враќањето дома, во музеите и галериите. Зарем сè уште се верува во „уметноста од џигер“? Хендрикс, Џоплин, Кобеин, Баскија се одамна мртви.
- „Неталент и амбиција, стар љубовен пар“, вели уметникот, и „Нудизам на невкусот“ (како што заклучува филозофот) – вечната тема, трајната осуда на секој оној кој во недостаток на талент упорно работи поттикнат од својата амбиција и со очекување дека еден ден, по долгогодишна и макотрпна работа – можеби и ќе успее. Упатена од умислата на еден генерациски стереотип на оние кои се „талентирани“, но и неамбициозни, дека талентот е сè, па затоа и не мора упорно да се работи, туку доволно е само да се зборува, коментира и критикува, додека бојата на нивните четки одамна е веќе исушена.
- „По галерии, луѓе со дигнати носеви шират фреон“, вели уметникот, додека филозофот повикува на „екологија на свеста“। Да, се согласувам, но кој ќе го направи тоа „рециклирање“? Најверојатно се мисли на уметникот чии слики се изложени во салоните на галеријата। Е тоа е веќе друга работа, односно, друга тема за анализа। (За тоа види на крајот од овој текст.) И ако луѓето по галериите се навистина такви, дали тогаш напорот на уметникот (штом веќе изложува пред такви луѓе) е поттикнат од извесни чисто просветителски идеи или еколошки побуди?
- „Ноќното небо е како стар црнобел филм во кој многу од ѕвездите се веќе покојни.“ Смеам ли да заклучам: уметников се вредува себеси во оние кои останаа/преживеаја, кои ќе сјајат вечно, за разлика од оние краткотрајните концептуалистичко-инсталатерски, времени, помодни?
- „Слики сираци по галериите.“ Дали се сака да се каже дека сликите ги посирачија токму концептуалците и инсталатерите? Не се сложувам. Тие се сираци заради сликите на уметниците кои не успеаја да излезат од сопственото зачаурено его и уметничка суета.
На овие ставови се надоврзуваат и оние два за критичарите, „евнусите“ на Готје, како што наведува филозофот, таа болна и неизлечива спазма на повеќето уметници. „Неразбраниот“ уметник, угол соголен пред „теористичките напади“ (ми се допаѓа оваа игра на можни замени: теористички=терористички) на критичарот! Лично не познавам ниту еден критичар кој со негативна намера однапред приоѓа кон кој било уметник и неговото творшетво. Од каде таа фобија, тој анимозитет, таа исплашеност дека нема да биде разбрано творештвото на некој уметник? И, зошто треба да се користи милитаристички речник (теористички=терористички, ектремни групи) за тоа да се прикаже така? Згора на тоа, уште и „екстремно посесивни и љубоморни“ (sic!), како што пишува филозофот (колку навредливо, а пред сè и неточно) „зашто тие и се како измамените мажи – последни ги дознаваат или откриваат вистините“!? Дека критичарот последен ги дознава и открива вистините – тоа е точно, токму заради апостериорноста на критиката како дисциплина. Нема критика пред појавувањето на вистината во делото, нели? (На страна малкуте случаи кога тоа се прави и кога уметниците се подготвени да го „распнат“ критичарот заради тоа што им ја загрозува нивната уметничка, авторска слобода!) Тогаш, зарем не е плеонастичко да се каже дека критичарот последен ја дознава и открива вистината? Уште повеќе или заради тоа, аналогијата со измамениот маж е потполно несоодветна или барем мене не ми е до крај јасна. Патем, не разбрав: која ми е жената-измамничка?
Прилично радикални ставови за некои суштински прашања од македонската уметничка сцена. Прилично циничен пристап кон нив. Прилично количество на самобендисаност – „Јас ќе ви кажам што е уметност и јас ќе ви покажам што е уметност!“ Првото со приложените искази во текстот во каталогот, второто со изложените слики во салоните на Центарот! До тука нема ништо спорно. Секој уметник има право да го каже своето мислење (нека е и во спрега, со помош на филозоф). Но, тука има еден проблем заради којшто се прашувам: кој е медиумот, областа, дисциплината во која уметникот треба да ги искажува своите ставови за да остане и уметник и во областа на уметноста? Без двоумење – уметноста (па нека биде таа и текстовна – во што не спаѓаат овие текстовни искази на уметникот)! Ако е тоа така (а така е) тогаш што претставува текстот во каталогот печатен по повод изложбата на Сашо Поповски во Културно-информативниот центар во Скопје?
Бидејќи овој каталог не е каталог, туку некоја печатена објава, некое издание, тогаш мојот пристап кон него ќе се смени. Но пред тоа, да појаснам зошто овој каталог не е каталог: на поткорицата (или првата страница) нема податок дали се работи за книшко издание, посебен печатарски/уметнички проект или каталог по повод изложба; на истата страница наместо овие податоци, ставени се (најверојатно) годината на раѓање на уметникот и неговите контакти; нема податок за CIP (Каталогизација во публикација), важниот елемент во библиотечниот систем во којшто треба да постои и опстои изданието; најсериозниот пропуст е непостоење на податок за годината на издавање (без разлика дали станува збор за кој било вид на издание или за одржување на изложбата); доколку ова издание е каталог по повод изложбата на уметникот во Центарот, тогаш недостасува биографија на уметникот, како еден од суштинските елементи од регистарот на каталошките податоци; доколку ова издание е каталог по повод изложбата на уметникот во Центарот, тогаш недостасува список на изложените и репродуцираните дела, како уште едни од суштинските елементи од регистарот на каталошките податоци и заради тоа на еден дел од репродуцираните дела не може да им се дознае годината на настанувањето, а на сите им недостасуваат и димензиите и техниката; наместо предговор (текст) на уметнички (ликовен) критичар поместен е текст во форма на парови на изјави на уметникот и еден филозоф, со што е испуштено (или со намера е избегнато) вреднувањето. Сомнеж во способноста на критичарот да ја согледа уметноста на уметникот?
Оттука, мојот добронамерен пристап би ме упатил кон заклучокот дека станува збор за еден вид хибридно издание кое можеби (како што уметниците милуваат да кажат) еден ден ќе ги пробие стегите на системот на уметноста и ќе воспостави ништо друго освен уште еден, нов или друг – систем. Можам дури и да не го поврзам со конкретната изложба на Поповски, иако беше на продажба на отворањето на изложбата (а се надевам и по тоа). И ако е така (во што не сум сигурен), тогаш излегува дека мојата погорна расправа околу текстот во „каталогот“ на Поповски била безразложна. А тоа значи само едно: дека не би требало „каталогот“ да го врзувам со изложените дела/слики и цртежи, бидејќи тој, според својот формат излегува од системот на уметноста (во случајов: каталог во функција на изложбата). Бидејќи уредно (или по навика од системот на уметноста) на изложбата платив 50 денари за каталогот, по неговото читање и прегледување се прашав: имаше ли потреба од изложување на делата или требаше само да го имам „каталогот“, и, конечно: зошто и изложба и (ваков) каталог едновремено? Не велам дека залудо ги дадов 50-те денари за него, туку дека, сега веќе разбирам, со една посета на настанот по повод јавното претставување на уметникот Сашо Поповски добив две задоволства – една невреднувана изложба на дела и едно хибридно издание за читање, гледање и листање. А од второво произлезе и поттикнувањето на мислење кое ја создаде оваа расправа. Искрено, доволно. Повторно да се позанимавам со дел од уметничкиот (не)систем во Македонија.
А за изложбата или за делата? Ах, да. Ако двајцава не сакаат да зборуваат за нив, зошто би зборувал јас. Но, еве, за крај, сепак, ќе се послужам со уште еден исказ на Џепароски: „Кога авторот го има – уметноста ја нема, кога уметноста ја има – авторот го нема.“ И со уште еден исказ на Поповски: „Една работа ми недостасува во неговата уметност. Уметноста.“ Најверојатно ова биле причините зошто Поповски се решил да се пројави и текстовно, вон од областа на неговата авторизација и легитимација – ликовната уметност...



Здраво Небојша,
ReplyDeleteНе знам дали воопшто овој коментар ќе стигне до тебе зашто станува збор за твој текст стар веќе две години, ама јас дури сега го прочитав. И тоа по повод твоите книги, на што ти честитам.
Ама, искрено ме зачуди текстот за таа т.н. изложба на Поповски односно „предговорот“ на Џепароски. Не дека не се согласувам целосно со секој твој напишан збор. Ама: заборави ли дека ти - во твоето време во Сорос - беше еден од првите промотори на такви типчиња како пишувачи, па дури и куратори на изложби? Кој се’ не помина низ онаа галерија со „текстови“ и филозофски срања за уметноста: поети и поетчиња, книжевници и книжевничиња, филозофи и филозофчиња ... Кој од кој!!! И ти ги промовираше како некакви познавачи на уметноста, дури стручњаци?!?
Во тоа време, и баш по еден таков повод, напишав текст во кој пледирав како историчари на уметност и критичари да се дистанцираме од таквите уметници и целосно да им ги препуштиме во иднина на таквите „стручњаци“! Се разбира, не добив поддршка од никого, а ни јас не додржав на таквиот став. Денес ми е жал за тоа. Ама сега кога го читам овој твој текст, не знам што да мислам. Не верувам дека паметењето ти е толку кратко, а не би требал да сметаш и на тоа дека другите заборавиле.
Златко Теодосиевски