12 July 2008


Aнгажманот на интелектуалецот е моќен сам по себе

(интервју со Снежана Јаначковска)

Со своите интензивни ангажмани како теоретичар и критичар на уметноста, куратор и професор и автор на стручни трудови и книги, но и редовен активен учесник на трибини, симпозиуми и конференции, Небојша Вилиќ е еден од најангажираните интелектуалци кај нас Не само како трагач по одговори туку уште поважно како потикнувач на есенцијални прашања. Еден од оние благодетни персони со кои во секое време можете да „растресете“ одредени теми и дилеми.

За одгласот на изложабата на 107те уметници во Париз।

Иако бев вклучен во еден дел од подготовката на таа изложба, одгласите не ми се познати, поточно, не ги следев। Имам само една информација од организаторот дека поминале добро. Немам причини да не верувам дека така и било. Но, со таа изложба има неколку други работи. Имено, оваа изложба не е изложба на уметници, оваа изложба е претставување на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), а тоа е веќе нешто друго. За тоа и пишувам во текстот приложен кон каталогот на изложбата (истиот може да се најде и на www.nvilic.blogspot.com): што и зошто да се избере за едно претставување на едно струково здружение? На тоа се надоврзува и потхранувањето на сликата за митскиот Париз и императивот таму и да се изложува. Често пати кажувам: што денес значи да се има изложба во Париз? Од позиција на центар на ликовната уметност Париз одамна веќе тоа не е. Да, културен центар е, но не и центар на тековната ликовна уметност. Оттука, овој проект е претставување на една македонска институција, која патем е невладина организација. И тоа не е специфика само на ДЛУМ, тоа се однесува на сите претставувања на такви струкови здруженија насекаде - секогаш нешто како да недостасува и никогаш не можете да донесете вредносен суд за тековната уметност во една земја врз основа на една таква изложба. Искрено, не ми е јасна целата идеја околу таа изложба (особено на бројот на претставени членови). Затоа мислам дека ниту заради самиот Париз (и тоа што се изложува во него), ниту заради изборот на делата не треба да се крева многу прашина: уште една изложба на едно струково здружение во странство и толку.


За културниот идентитет во услови на контраверзи околу националниот идентитет.

Односот помеѓу културниот и националниот идентитет е исклучително сложен। Првиот е сè она што се создава во областа на културата - од „Адам“ од Говрлево, преку антиката и средновековието, сè до изложбата „107 македонски уметници“ во Париз. Замислете си дека потекнувате од и живеете во Африка и споредете се со тоа што сега и тука, во Македонија, сте. Тоа што ќе Ве разликува е токму културната стратиграфија која ќе се појави доколку се „пресечете“ по вертикала. Но тоа нема (бидејќи не може) да го одреди или потврди Вашиот национален идентитет. Со тоа сакам да го проблемтизирам концептот на национална култура, како еден романтичарски рецидив од периодот на формирањето на националните држави во Европа од 19 век. Што значи ако, еве, и докажеме еден ден дека Александар Македонски е нашиот национален корен кога голем број од нас имаат двојно државјанство, а најповеќе бугарско? Но, тоа што не треба да се докажува е, секако, припадноста кон неговиот културен корен, особено кон неговата идеја за синкретизам. Дали изградбата/возобновата на православната црква сред скопскиот плоштад ќе ги направи пратениците во собранието повеќе Македонци додека и понатаму или не сакаат или не можат или не знаат да говорат литературен македонски јазик или додека наспроти, веднаш до таа црква, во неон ќе трешти името на новиот трговски комплекс „City Gallery“ именуван на англиски и напишан на латиница?



За хомогеноста на културната критика и нејзината условеност од политиката.

Најкусо - двеве работи треба да бидат како „рогови во вреќа“। Доколку зборуваме за културна критика во нејзината изворна смисла, тогаш таа не може (или ако сакате - не смее) да биде условена од политиката. А доколку зборуваме за критика којашто е условена од политиката тогаш тоа не е критика, туку политизирање (што значи - инструментализирање) на мислењето. Но, од своја страна, секоја или секаква културна критика е определена од некоја или извесна идеолошка позиција (а тоа не треба да се меша со политичката позиција), токму заради фактот што која било критика не може да оствари потполна објективност. Заради тоа, само множество на критики можат да оформат една критичка платформа која би била најблиску до можната објективност или дезидеологизираност. Оттука, можна ли е денес хомогеност на културната критика во смисла на цврста и стабилна структура? Или што таа/тоа би значела/о? Живееме во време на нестабилни (што би требало да се разбере како - менливи и времени) и слободно движечки, плутачки структури. Дали, заради тоа подобро или полесно можат да се избегнуваат условувањата од политиката? Да. Но не заради тоа што културната критика е хомогена, туку заради тоа што измолкнувањето од ова условување е суштината на самата културна критика. Згора, сè додека политиката ја условува културната критика (а тоа таа ќе го прави постојано), сè дотогаш културната критика (како измолкната) ќе ја остварува својата смисла. Во оној миг во кој таа нема да може повеќе да се измолкнува, тогаш таа ќе се инструментализира и ќе ја снема. Едноставно кажано, инструментализираното мислење, став, го нема, го губи сопствениот вредносен суд и верификувачка суштина. Оттука, тоа, или таквото мислење, став, ништо и никому не значи.


За моќта на ангажманот на индивидуалецот наспроти диригираноста на интересите на државата

Ангажманот на индивидуалецот е моќен сам по себе и тоа како чин на делување и дејствување само доколку останува во областа на неговата авторизација и верификација। Но, тоа што често се брка е ефектот, ефектуирањето на таа моќ. Од друга страна стои, како што велите, диригираноста на интересите на државата. Или, поточно, како една автономна, слободно движечка категорија може или треба да се спротивстави на една стабилна структура каква што е државниот интерес? Како оваа моќ да ефектуира? И двете работи настојуваат да се одржат такви какви што се и на прв поглед се чини дека е скоро неможно едната да влијае на другата. Едно е јасно, а тоа е дека државата мора да ги остварува своите интереси онака како што идеолошки ги поставува (во согласност со идеолошката матрица на партијата којашто управува со државата). Оваа поларизација на интересите е предмет на политизацијата на критиката и спротивставувањето на таквата политизација. Во првата не постои критика на индивидуалците внатре партијата и затоа пратениците се претвораат во безумна, гласачка машина и заради тоа нашите политички партии стануваат концентрирано едноумие. Втората е онаа на индивидуалецот вон од системот на политичките партии и неговото ефектуирање се случува само или најчесто како куртоазно сослушување од страна на државата (особено кога треба да се угостат странските инспектори и ревизори) и на тоа завршува сè. Тоа само говори за непостоење на (или не сакање да постои) култура на дијалог и пропишана соработка. А тоа е рецидив на автократското доживување и разбирање на управувањето со државата и нејзините интереси. Што сакате повеќе од политичарите кои за себе или за својата партија велат дека „владеат“/„владее“, наместо „управуваат“/„управува“ со државата? Согласно со тоа, тие така и се однесуваат со што се остава малку, скоро николку, простор на ефектуирањето на моќта на индивидуалецот.


За потребата и резултатите од константно ангажирано потикнување прашања за состојбите во културата.

Не се работи за потреба, туку за обврска, дури и за одговорност на демократскиот субјект. Спорни се резултатите, односно ефектуирањето на критиката како коректив или проширувач на можностите на тековните интереси во делот за културата во управувачкиот пакет на државата. Секако, тоа не треба да значи дека треба да се престане со критикување, корекции и понудување на мислења за подобрување на состојбите во културата. Бидејќи западната демократија го воочила овој проблем на партиската автократизација во управувањето, го воведува принципот на граѓанско содружништво (или невладин сектор). Во него индивидуалецот полесно ќе го оствари и ефектуира својот ангажман, својата моќ. Тоа е еден дополнувачки дел во системот на културата: доколку не ви се допаѓа „диригираноста на интересите на државата“, тогаш имате легитимно право да формирате содружништво на свои истомисленици и да делувате на тоа, невладино, поле. Ем вие задоволни што си ја ефектуирате моќта, ем државата задоволна дека не и' се мешате во остварувањето на нејзините интереси. Заради таквото толкување на системот состојбата на владин и невладин сектор во културата е само декларативен и, оттука, неефективен.
Што се однесува, пак, до ова „константно“ ангажирано поттикнување, тука е можно да се случи своевиден замор и напуштање на ангажираноста или, пак, „продавање“ со што „купувачот“ Ве замолкнува. Но, како новопечени демократџии, треба да научиме дека не ни останува ништо друго туку да го градиме сопствениот став и афирмирајќи го да издржуваме на неговите позиции. И тоа не само за да се направи кариера или да се добие подобро работно место, туку како (или заради) систем во којшто ќе се ужива задоволството од извојуваната демократија. Свесен сум за утопистичката квалификација на овој став, бидејќи се покажа во скорото минато, дека ангажираното поттикнување најчесто не ефектуира. Најверојатно се работи за рамништето на очекувањата, основаноста на проективноста (бидејќи ангажманот е проективна категорија) и комплексноста на искажуваните ставови во рамките на нивната остварливост во доба коешто не верува повеќе во - проекти. Но, сепак, и ако забележувате, го застапувам ставот дека ангажираноста е една долготрајна активност, постојана состојба којашто себеси не се промислува како рамниште на некаков заокружлив и остварлив интерес, туку како една процесуална состојба на - здравиот дух.


„Life Магазин“ 28 (2008): 26-८.

0 comments:

Post a Comment