Скопје умира од невкус
целосна верзија на интервјуто на Дејан Буѓевац за
Глобус 97 (24.02.2009): 54-7
целосна верзија на интервјуто на Дејан Буѓевац за
Глобус 97 (24.02.2009): 54-7
Се гледа ли крајот на оваа примитивна транзиција во естетската и архитектонската физиономија на Скопје?
-Тековната конзервативна идеологија не ме убедува дека ова ќе има крај. Но, во определувањето на транзицијата како „примитивна“ треба да се внимава - таа е „примитивна“ од аспект на модернистичката проективност и концептот moderni, но е „суштинска“ од аспект на предмодерните antiqui. Сѐ зависи од тоа кон која идеологија приклонуват. Додека стоев пред новопоставената скулптура „Шмизла“ од Димитар Филиповски (за мене потполно непознат автор), додека се згрозував од неумешноста на изработката на нејзината фигуративност и додека се прашував која комисија ја одобрила нејзината изработка, до мене стоеше еден постар господин, обичен граѓанин на Скопје, целиот восхитен од неа. Ме погледнува и убедено ми се обраќа „Бра'о бе, Грујо, алал да ти е!“ Мојата „модерност“ (која ја втемелува идејата за проективноста од позиција на напредок) се судри не со можните различни естетски аспекти и восприемањето на скулптурата на господинот, туку со неговото политизирано доживување на истата таа скулптура. Оттука, тоа што нас „модерните“ нѐ буни е очекувањето транзитирањето да се одвива кон поново (новумот, покрај прогресивноста, е уште една суштинска особеност на модерниот проект), та затоа и нашата квалификација на тековноста како - „примитивна“. Но, од друга страна, пак, конзервативното очекување не е врзано за прогресивноста-преку-новото, туку за зачувување и понатамошното развивање на вредностите преку запирање и оневозможување на прогресивноста во модерната смисла на зборот, којашто, како и да е, се врзува за гледањето нанапред преку претпоставување на тоа што треба да се случи, во спрега со целата неизвесност од новото. Да, за тоа треба храброст, творечкост и отворен дух. Афирмацијата на минатото и традицијата е само закрила за нехрабриот, нетворечкиот и неотворениот дух кон рискантни промени - тоа е безбедното одење по патот на веќе потврдените вредности.
На што сме ние, всушност сведоци, кога е во прашање денешното обликување на „урбаниот пејсаж“ на нашиот град? Какви ќе бидат јавните, културолошките и психо-социјалните последици од ваквото делување? Дали имаме право да се чувствуваме навредени?
- Да, јас, лично, се чувствувам навреден, бидејќи приклонувам кон групата на оние кои и понатаму веруваат во модерниот (сега веќе престорен во постмодерен) проект. Но, погоре сакав да кажам дека постои и една друга група којашто верува во конзервативните идеи. И тоа токму во толкувањето на конзервативизмот од страна на македонскиот философ Бранислав Саркањац, во една негова скорешна колумна во „Дневник“, како идеологија на сочувување на минатите, а не развивање и додавање, градење на нови вредности. Сведоци сме на она што Саркањац, во еден негов постар, извонреден политичко-философски труд именуван како „Идеологијата и субјективитетот“, го определува како „остварена идеологија“ - „ситуација во која идеологијата, остварувајќи се, го завршува својот процес, во која се поклопуваат идеологијата на оние што владеат и владејачката идеологија“. Во оваа ситуација, би додал, и заради тоа што опозициската, спротивставувачката идеологија веќе ја изгубила моќта на и за позитивната корективност на владејачката идеологија. Нашиот, не само скопски, урбан пејзаж е само преслик, поточно - остварување, резултат, последица на остварената конзервативна идеологија. А какви или кои ќе бидат последиците? Па, не треба да се биде многу умен за тоа - тие ќе бидат во духот на владејачката идеологија: ќе се создава вистинитост врз основа на владејачката идеолошка парадигма која веќе создава (или, како што би рекол Саркањац, која е веќе „делотворна“, а не само „дејствена“) субјекти на стварноста со не/без-проективен, не/без-нов и затоа не/без-прогресивен поглед на иднината и понатамошноста, субјекти кои схизофренично ќе талкаат помеѓу инструментилизираното изминато, политизираното сегашно и безидејното идно.
Дали на нашиот урбан, животен и културен контекст му се случува една систематска девастација, систематско себеукинување, или се во прашање „само“ игнорантски и итри поединечни потреби, кои ги голтаат сите претходни архитектонски достигнувања и евентуални можни визии за Скопје?
- Во првиот миг мислев дека се работи за случајни потези, потези од незнаење, неинформираност или творечка немоќ, дури и „само игнорантски и итри поединечни потреби“, но сега веќе согледувам дека се работи за - да, системско уништување преку една сериозна идеолошка парадигма. На сцената е стапната, веќе одамна, делотворноста на идеологијата на конзервативизмот. Периодот на македонската нова вистиност за стварноста, најјасно се исцртува уште со делувањето на првите музички групи од типот на „Мизар“ (прочитајте како е именуван нивниот последен албум), „Архангел“ или „Анастазија“ (но без албумите „Лице гори“ и „Ноктурнал“), преку изборот на знамето со ѕвездата од Вергина, рушењето на џамијата врз Климентовата црква на Имарет и возобнувањето на истата црква, археолошко-ископувачката еуфорија, лакрдијата со преименувањата на, дури и на авто-патишта, во „Александар Македонски“ или „Филип II“, наградата „23 Октомври“, крстот на Водно (кој, патем, заради својата ориентација е само геометриска форма, а не христијански крст), воскреснувањето на фантомите на зградите на Македонскиот народен театар, Офицерскиот дом, возобновувањето на црквата на плоштадот... Архитектурата на Спомен домот на Мајка Тереза, а и она самоиницијативно здружение на Стојан Тренчевски „Скопјанката Мајка Тереза“, се само - кулминација.
Зошто, наместо отворено и современо практицирање во решавањето на постоечките урбани проблеми на градот, ни се случува само агресивно повикување на слики од минатото и сценографски испразнето реанимирање на некогашни објекти? На што се должи ваквото помпезно производството на архитектонски историцизми во нашиот простор?
- Хм... заради погоре кажаното. Еве што напишав во една интернет преписка отворена по повод отворањето на Спомен домот на Мајка Тереза: „одамна мислев да поставам динамит под објектот „спомен дом на мајка тереза“ и да го кренам во воздух. до тоа дереџе ме дотера мојата, веќе одамна неподнослива, стварност. особено кога го видов одличниот првонаграден проект на (чинам дека беа) португалците збутан во подрумските простории на министерството за култура, откако се исфалсификува конкурсот и се усвои овој, на нашиот вангел божиновски. и сѐ тоа во духот на гемиџиите (и „јас сум од титов велес“) и во духот на претходното, скорешно вмро-вско искуство - минирањето на џамијата врз климентовата црква на имарет во охрид. колку да се продолжи гемиџиската традиција, не за друго. потоа сфтатив дека за да го минирам кородираниот македонски дух во целост (престорен во постоечкиот и претстоечкиот идеолошки тоталитаризам и тотал-кратија) ми треба многу повеќе од нобеловиот пронајдок. сега ми останува да чекам скопје да го стрефи уште еден, уште поуништувачки земјотрес којшто ќе ги поништи сите архитектонско-урбанистички небулози на овој град заедно со нивните создавачи, подржувачи и остварувачи. заедно и со сите нас кои не сме способни да го сопреме сето ова...“
Ре-производството или ре-анимирањето на архитектонските историцизми се должи или на многу внимателно поставена и умна стратегија или на потполно непознавање на идеолошките обрасци во историјата на архитектонската мисла. Во едно ТВ интервју Мирослав Грчев еднаш тоа го именуваше како „фантомски згради“. Јас би додал - „аватари“. Тоа што мене ми е интересно во сѐ тоа е следното: обновувањето на тријадата на скопскиот плоштад со старата зграда на Офицерскиот дом, банката и црквата. По сите дефиниции тоа е (воз)обновување на симболите (или знаците) на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството Југославија, односно, нејзините три столба: војската, капиталот и религијата. (Пренамената на Офицерскиот дом во Гратска куќа не ја менува мнемоничноста и семиотиката на старата зграда, особено кај „старите Скопјани“.) Со други зборови, дали ние тоа го возобновуваме идеолошкиот образец на старото кралство? (Не е случајно што зградата на театарот е од другата страна на Вардар - културата и уметноста и тогаш не претставувала стожер на монархијата.) За нечија жал, архитектурата не е само архитектонската форма, туку пред сѐ нејзината контекстуализација. Тоа, изгледа, или се заборава или се превидува или не се знае. Уште ако на тоа се додаде и замената на кралските коњанички скулптури на Аугустинчиќ пред Камениот мост со лавови (како фронтони со апотропејско значење уште од „Лавјата порта“ на античка Микена) и згора на тоа и мега-скулптурата на Александар Македонски. Со нивното „втиснување“ во веќе постоечкиот различен архитектонски кодов амбиент создаден со: модерната линеарност на зградата на Социјално осигурување (поранешната „На-Ма“), едноставниот темен монолит на зградата на ЕВН, визионерската транспарентност и менливост на стаклените ѕидови на Гратскиот трговски центар, ризоматиката на покривот на зградата на Лумикс, групата на новите хипер-модерни градби од другата страна на плоштадот - добиваме потполна какофонија, кодов шум и потполна дезориентираност на пораката што (концептуално и идеолошки) веќе ја испраќа скопскиот плоштад. Дури тоа ќе биде порака којашто потполно ќе ги упропасти идните генерации. Тоа ќе говори за, тоа ќе ја жигоса, ќе ја запечати безидејноста на времето во коешто живееме. Уште одсега не верувам дека идните генерации ќе бидат горди на таквиот еклектицизам (внимавајте - не зборувам за постмодерните пастиш, цитат, рециклирање или палимпсест, туку за 19-вековниот, од историјата на архитектурата и уметноста негативно оценет збир на различни архитектонско-текстовни предлошки) како што сум јас горд на модернистичката проективност и визија за постземјотресно Скопје, најдобро и највпечатливо олицетворени во бисерот на тогашната и таквата македонска архитектонска мисла - Гратскиот трговски центар.
Дали е веќе предоцна, Скопје да добие можност да стане град на креативни и отворени идентитети, град на витални и чувствителни просторни концепти кои би ги артикулирале оперативните и секојдневните потреби на самите граѓани?
- Да, предоцна е. Но, како што би рекол Влатко Стефановски со насловот на неговиот албум „Трета мајка“, и Скопје ќе има своја „трета мајка“ - трет земјотрес. Посакувам да го преживеам за да можам да видам на која идеолошка матрица ќе и' припадне задачата да го возобнови. И како ќе го возобнови. Најдобро би било да го преселиме и да го направиме одново, како што тоа го направиле старите Скупјани во 6 век по нивниот земјотрес преселувајќи се на југоисточните падини на Водно.
Како историчар на уметноста, како ги доживувате најновите скулптурални „освојувања“ во центарот на градот? Поставени се неколку скулптури, се очекуваат на десетици други, а како топ приоритет на овдешната културна моќ се очекува поставувањето на 30-метарската скулптура на Александар Македонски? Спроти таквата скулптура, фонтана од која ќе „течат“ песни од Тоше Проески, а во близина и црква...
- Како?! Со горчина во душата, со бес во чувстата и со отпор во главата. Интересно ми беше повлекувањето паралела со скулптурата на Чарли Чаплин во Вестминстерскиот парк во Лондон со нашава „Шмизла“ во колумната на Коле Манев во „Време“. Настрана неговата критика дека ликовните критичари и „ликовни естетичари“, како што вели, не си ја вршат работата. Кога ликовен уметник пронаоѓа вредност во скултурата на Филиповски и уште ја споредува (сосема погрешно и неосновано) со парковата скулптура на Чаплин, тогаш навистина не знам што да кажам. Ме смирува илустрацијата приклучена кон текстот - цртеж, кроки, скица на скулптурата на Чаплин потпишана (но не и датирана) од Манев и помислувам - нормално е што уметник со толку лош цртеж ќе оправдува и афирмира скулптура со толку лоша форма.
Но, кога би тргнал од камениот мост, веднаш би ги претопил: жената-дрво (заради недефинирана форма на женското тело - тоа е сепак некој хермафродит!), вљубениот пар (заради недоискажаноста на формата и преголемата издолженост), споменикот на Мисирков на плоштадот „Пела“ (за да не го гледам тоа бедно кускуле од човек), Мајка Тереза на акад. Томе Серафимовски (заради дисфункционалната анатомија и гревотниот изглед), „Шмизлата“ (заради искичменоста - резултат на непознавање или неумешност да се изработи фигуративност), жената на акад. Томе Серафимовски спроти Музејот на Град Скопје (заради пренагласената робусност на женското тело и патетичноста на нејзиното разбивање), а онаа безидејна апстрактно-линерна метална форма (наспроти претходната) би ја исекол на парчиња, како и новата скултура на Мајка Тереза во Спомен домот која би ја искршил уште пред и да ја постават. Додека, малото симпатично девојче на Гоца Каникова би го преместил пред самиот пешачки премин (заради тоа што таму и' е и местото, а вака „преминува“ преку (недозволената) линијата за застанување на автомобилите), а мачката на Томе Аџиевски би ја преместил врз некој тревник (заради тоа што воопшто не одговора на местото на коешто е поставена и заради тоа што истата скулптура совршено соодветствува во/со паркот на АСУЦ „Боро Петрушевски“).
Останатите скулптури не би ги коментирал, бидејќи не знам ниту какви ќе бидат, ниту каде ќе бидат поставени. Според досегашните најави, онаа на Жарко Башевски, според неговото досегашно творештво, уште од сега не ме убедува, Перо Кованчилиев и Ангел Корунов авторски воопшто не ги познавам. Слободан Милошевски воопшто не можам да претпоставам што и како би можел да изработи (согласно неговото досегашно излагачко претставување) една таква сложена тема каква што е „Првото заседание на АСНОМ“. Од Антони Мазневски очекувам добро решение, доколку успешно го премости сериозно комплексното префрлување на неговата тековна обликовна концепција од галерискиот во урбаниот простор.
Но, би го прокоментирал главниот идеен проект: брендирањето на Скопје како град на јавна скулптура. На пешачка должина не подолга од 1,5 километар да се постават 50-тина скулптури е рамно не на невкус, туку на лудост. Не разбирам - зошто? Башка, во цела Македонија нема 50 вајари кои имаат континуирана изложбена дејност преку која би можел да оценам кои се тие 50-тина кои би создале скулптури. Од овие петмина досега, како за вајар можам да зборувам само за Аџиевски, Каникова ја знам само како дипломиран студент на ФЛУ, а другите се потполни анонимуси од аспект на нивното изборено и докажано место на македонската уметничка сцена. За катастрофално лошите скулптури со повторно разбудениот преродбенски национал-реализам или национал-романтизам на акад. Серафимовски, не само во Скопје, туку и низ цела Македонија пишувам пообемна студија. Со други зборови, македонската сцена нема толкав авторски и творечки капацитет (не зборувам за број на дипломирани вајари) за исполнување на толку голема порачка (колку и да е таа добронамерна и позитивна). И затоа ни се случија овие многу лоши скулптури. Како ли ќе биде со сите 50 - страв ми е дури и да помислам.
Скулптурата-фонтаната-пејачката Александар Македонски е врв на „идијотштина“ уште со самата помисла. Пандан на најновиот објект на Вангел Божиновски и Слободан Живковски. Се прашувам: можно ли е на толку богата, толку прокламирана, толку фалена македонска мината и тековна култура да се роди еден ум што ќе смисли и објави такво нешто!!! Тоа значи критика за сите нас: не сме успеале ништо и никого да воспитаме со тоа што како култура го имаме и го создаваме. Помислувам дека бадијала сум ги пишувал книгите, сум ги правел изложбите, сум ги држел часовите. Бадијала 20 години ја претставувам македонската уметност во странство, кога дома еден функционер може да има толку мал интелектуален капацитет и да го предложи овој концепт. Но, тоа само ми дава поттик да продолжам. Белким, еден ден ќе се родат и некои други клинци.
Каде е куршлусот со целава естетика во Скопје? Спомнете некој позитивен пример.
- Кога имате инстант или фаст-фуд концепција за култура, култура-за-еден-ден, рамковна-култура, каде да се бара курцшлусот, ако не во погрешното толкување на суштината на демократијата и узурпацијата на моќта на одлучување преку институциите на системот. Многу одамна во јавноста тоа прашање го потегна колегата Златко Теодосиевски, мислам дека случајот беше со споменикот на Мајка Тереза на акад. Серафимовски. Тогаш тој пишуваше за заобиколувањето на законските прописи, комисиите и одлучувачките тела во решенијата за поставувањето на скулптурите и спомениците во јавните простори. Но, тоа е, да кажам, административниот аспект на проблемот. Творечкиот аспект мислам дека се однесува на духовната ерозија и на, а пред сѐ, уметниците, а потоа и на стручната јавност и нејзиното непроизнесување за остварувањата на истите. Вината е заедничка. Имаме состојба на замолкнати институции, апатични критичари и уметници кои не сакаат да инвестираат во сопствената интелектуална надградба. Немаме ангажирани, бунтовнички и борбени млади: традиционионалните (значи - од народот смислените) културни урнеци од типот „тато носи - мама меси“ и „наведната глава сабја не сече“ не ни можат да создадат млади кои ќе донесат промени. Постарите само додаваат на таа ситуација со сопственото предавање и повлекување од верувањето дека не може ништо да се смени. И така во круг: уметниците ги криват критичарите, критичарите институциите, институциите и уметниците и критичарите.
Во тој ослободен, празен простор навлегуваат оние немушти и безидејни уметници (но не и автори) за кои е поважно да ја искористат можноста за афирмација и подолготрајно и трајно присуство (да повторам, без претходна изложувачка о критичка верификација), евентуално да дрпнат од финансискиот колач „50 скултури“ преку шурувањето со партиите, отколку да се заложат за постепена изградба на сопствена ликовна поетика, па оттука и додавање на нови вредности. Како поинаку да си објаснам каде ја снема творечката моќ на скултурата „Св. Климент Охридски“ на Петар Хаџи-Бошков пред НУБ „Св. Климент Охридски“ - едната од малкуте вистиниски творечко моќни скулптури во целата историја на скулптурата во Македонија. Па, ако сакате, дури и скултурата на Благој Чушков пред Уни банка на оние весели музичари е далеку пред сите овие пет нови поставени урбани скултури - ако не за друго, тогаш сигурно заради пропорционалниот однос спрема амбиентот, веселоста на поднапиените музиканти која го разгалува(ше) секој поминувач, дискретноста и ненаметливоста во појавувањето и присуството...
И, конечно, оној кутрион и наивен градоначалник Трифун Костовски (кој патем ништо не направи за Скопје) залудно се повикува на законската регулатива. Или не разбира дека тука владее тотал-кратијата или не разбрал на што се нафатил кога се кандидирал за градоначалник. А патем заборавил кога тој и што тој финансираше во случајот со споменикот на Мајка Тереза и неколку други низ Македонија.
Според вас, што треба да значи јавна уметност во јавен простор, односно какви се улогите на уметноста во урбаното планирање на јавниот простор?
- Уметноста во јавниот, пред сѐ јавниот отворен простор (плоштади, пешачки зони, улици, паркови) е една од најсложените задачи за уметникот. Постојат низа на категории коишто делото треба да ги поседува за тоа вистински и да профункционира. Во основа станува збор за три вида и тоа: споменична, улична и паркова скултура. Сите тие траба да водат грижа за темата, намената, локацијата и, што е најважно, просторно-содржинската контекстуализација. Таа е, пред сѐ, нарачана уметност со однапред зададени барања (тематски, содржински, локациски, урбанистички итн.) Големината на успешноста на оваа уметност е врв на културното поимање на времето и просторот и на порачувачот и на уметникот. На пример, во Скопје не може да се случи посакуваната „Фонтана Треви“ на градоначалникот Костовски затоа што Македонија го нема Бернини. Поточно, Македонија не може да создаде еден Бернини, затоа што ниту е во прашање судирот на реформацијата и контрареформацијата во рамките на црквата како институција, ниту е во прашање верификацијата на новата капиталистичка форма на стоковата размена, ниту е пак во прашање судирот на капиталот со монархијата или црквата. Искрено, од аспект на социологијата на уметноста, ние и добиваме уметност која е одраз на општественоста таква каква што е и тоа мене не ме чуди. Затоа, понатаму, големината е и во капацитетот на творечкиот дух да ги спои сите овие сложени, на моменти и спротивставени барања на нарачувачот. Имено, одговорно е да се нафатите со создавање на уметност и нејзино поставување во јавен простор. Затоа и дразни леснотијата со која нашите уметници се нафрлуваат во и нафаќаат за изработката на овие нарачки. Конечно, и во светски рамки мал е бројот на вакви успешни остварувања. Ова пак, особено важи за одговорноста за споменичната уметност. Уличната јавна уметност треба да го одразува урбаниот сензибилитет на градот, додека парковата би требала да внимава на спецификите на паркот како зачувана оаза на напуштената од градот природа.
Оттука, клучна улога во поставувањето на уметноста во јавниот простор, пред сите треба да ја имаат урбанистите, а не како што е кај нас - политичарите. Токму заради фактот што оваа уметност, особено уличната, смета на факторот на изненадувачки топои: движејќи се по урбаните комуникации наидувате на таков еден проблесок на неочекувана уметничка сензација. Погледнете како се поставени сегашниве пет - тргнати на страна, како да се нужно зло, та морале да ги постават... Но, да не судам однапред, можеби е оставено место за скулптурите коишто допрва треба да се постават... како и да е - лош почеток. А со сите 50-тина поставени - улицата „Македонија“ ја замислувам како: „скопската кроасета како мртва природа“...
Дали имаме јавна сфера, демократска сфера, и културно граѓанство кое ќе успее да го сочува кревкиот идентитет на цивилизирано и креативното доживување/градење на градот, наспроти доминантните замислени архитектонски и сите останати идентитети?
- Знаете, оваа многумилионска евро инвестиција ме потсетува на скулптурата на Роден „Бронѕено доба“ од १९ век. Не само заради тоните бронѕа коишто ќе се истопат во скулптури (а потоа некој ќе ги уновчи со нивното крадење и повторно претопување. Роден машкиот акт како се буди го именува со тој наслов мислејќи на бронѕеното доба (како дел од историјата на човештвото) како будење на човештвото. Во неговата импресионистичка форма вградена е проективноста на прогресот, новумот и вербата во времето коешто доаѓа. И токму затоа таа скулптура е толку многу парадигматична. Дали можеме да претпоставиме дека нашава бронѕена акција сака да ни го каже истото? Дали побронѕувањето на новото брендирање на Скопје навестува таква проективност? Дали е ова „бронѕеното доба“ на Скопје? Според погоре кажаното мислам дека - не. Токму заради заобиколувањето на јавната сфера, на демократската обврска на институциите во одлучувањето и одговорноста на сите нас кои ја создаваме и одржуваме стварноста во којашто живееме. Но, еден дел од одговорот на ова прашање може да се погледне и во делата на уметниците во рамките на 8 Биенале на млади во Музејот на современата уметност во истото ова Скопје. За такво нешто има основа бидејќи насловот, поставен од кураторката Мира Гаќина, неслучајно е - „Идентитети“. Верувам дека овие млади ќе успеат да го сочуваат и понатаму да го развиваат и дополнуваат „кревкиот идентитет на цивилизираното и креативното доживување/градење на градот, наспроти доминантните замислени архитектонски и сите останати идентитети“. Упатно е да го погледнат и конзервативците (за да се запрашаат што тоа тие прават и зошто) и прогресивците (за да се запрашаат каде тие во меѓувреме згрешиле и зошто). Верувам дека не е сѐ изгубено. Ова е мојот прилог кон ова верување.
>>> види ја печатената верзија во „Глобус“ [http://www.globusmagazin.com.mk/default-mk.asp?ItemID=D5477AFE8F7A6C4585D1F3D36A229C99&arc=1] и исправката во Глобус 98 (3.03.2009).
Коректно е да се стави линк кон оригиналниот текст:
ReplyDeletehttp://www.globusmagazin.com.mk/default-mk.asp?ItemID=D5477AFE8F7A6C4585D1F3D36A229C99&arc=1
треба проверити:)
ReplyDelete